
Не се само фенот и пеглата проблем
Познато е дека топлината има негативен ефект врз косата, но малкумина всушност знаат што го предизвикува ова штетно дејство, како и начините на кои може да се неутрализира.
Вообичаено е верувањето дека уредите за третман на коса кои работат на база на топлина, како што се виткачите, феновите и пеглите, ја оштетуваат косата.
Тоа секако е точно. Несоодветното ракување и недоволната заштита на косата навистина доведуваат до бројни оштетувања. Сепак, приказната не завршува тука.
За да се изврши фенирањето што е можно поскоро, многумина го вклучуваат фенот на највисока температура, а за да постигнат најдобри резултати, фенот се става блиску до косата. Експертите предупредуваат дека се работи за две многу големи грешки.

Неопходно е фенот да е оддалечен најмалку 3 см од косата, а температурата да не биде превисока. Предолгото сушење, односно фенирањето е исто толку голема грешка.
Што се однесува до пеглите и фигарата, некои уреди од овој тип можат да достигнат температури до 250 степени. Сепак, експертите советуваат да не надминувате 200 за да не ја оштетите премногу косата. Исто така, неопходно е косата да биде целосно сува пред употреба на пеглата, а не смеете да го прескокнете спрејот за заштита од топлина.
Веќе рековме дека овие уреди не се единствените извори на топлинско оштетување на косата. Многумина ја мијат косата со топла вода, а тоа е нешто што го практикуваат и фризерите.
Според експертите, топлата вода ја суши косата, предизвикува коренот брзо да стане мрсен, а врвовите стануваат послаби и полесно се кршат. Млаката вода е далеку подобра, а се советува и употреба на благи шампони.