
Со доаѓањето на постудените денови, многу сопственици на кучиња се соочуваат со предизвиците што промената на годишното време ги носи врз здравјето на нивните миленици.
Есенскиот и зимскиот период често се поврзува со зголемување на здравствените проблеми кај кучињата, како што се иритација на кожата, дигестивни нарушувања и инфекции на ушите. Ветеринарите предупредуваат дека дури и овие навидум мали проблеми можат да го нарушат квалитетот на животот на домашното милениче. Сајмон Крошо, експерт за исхрана на кучиња, истакнува дека дури и мала промена во исхраната може дополнително да го зајакне имунолошкиот систем на кучето, пишува „Мирор“.
„Висококвалитетната исхрана без житарки е најважната основа за здравјето на кучето, но можете дополнително да го зајакнете нивниот имунолошки систем со нешто едноставно како прстофат сушен магдонос или лажица пире од тиква“, објаснува Крошо.
Тој тврди дека овие додатоци се користат не само за вкус, туку се полни со витамини и антиоксиданси кои можат да му помогнат на имунолошкиот систем на вашето куче за време на промената на годишните времиња.
За да го зајакнете имунолошкиот систем на вашето куче, ветеринарите советуваат и додавање мала количина варен, ситно сечкан морков во оброкот на вашето домашно милениче. Боровниците, кои се богати со антиоксиданси, исто така можат да бидат соодветен избор, кои помагаат во зајакнување на имунитетот и заштита на кучето од сезонски болести.
Исто така, ветеринарите препорачуваат додавање на една лажица обично пире од тиква.
„Тиквата е богата со растителни влакна и помага при запек, одржувајќи го дигестивниот систем на вашето куче избалансиран“, тврди тој.
Ако вашето куче нема свеж здив, Сајмон советува да посипете прстофат сушен магдонос врз храната. Тој објаснува дека е добар против лош здив и е одличен извор на витамини А и Ц.
Сепак, важно е секогаш да им внесувате нова храна на вашите кучиња во мали количини, за да избегнете дигестивни нарушувања. Покрај тоа, Сајмон нагласува дека тиквата мора да биде чиста, без додаден шеќер или зачини.
Тој, исто така, препорачува исхрана без житарки, со висок процент на висококвалитетни животински протеини, што му обезбедува на телото потребни хранливи материи и придонесува за одржување на здравјето во текот на целата година.