
„Речиси една деценија пред да се роди шведската климатска активистка Грета Тунберг, Вексје започна нова визија за зелен урбан живот“, пишува Би-Би-Си за илјадагодишниот град кој се наоѓа 450 километри југозападно од Стокхолм, во регионот Смоланд. Ќе го најдете среде зелен пејзаж исполнет со шуми и стотици езера. Познат и како Гласрикет (Кралство на стаклото), областа го должи својот прекар на многуте светски познати производители на стакло.
Освен што произведува прекрасни кристални предмети од огнени печки, Вексје се гордее и со своите напори против загадувањето. Овој компактен град со помалку од сто илјади жители стана светски лидер во борбата против климатските промени. Вексје ги постави темелите за нов концепт на урбан живот кој оттогаш го усвоија и други градови низ целиот свет.

„Во 1996 година се појави прашањето за живеење во град без фосилни горива“, објаснува за Би-Би-Си Хенрик Јохансон, експерт за животна средина во општината Вексје. Во тоа време, беше донесена едногласна одлука Вексје да стане првиот град во светот кој се обврза на целосна независност од фосилните горива. Денес, оваа цел е проширена на уште поамбициозен план: климатска неутралност до 2030 година – цели 15 години пред цела Шведска да ја постави истата цел.
Луд град?
Визионерскиот потег на Вексје во 1990-тите го привлече вниманието на бројни новинари од целиот свет кои дојдоа да го видат градот, кој Јохансон хумористично го нарекува луд град кој сака да се ослободи од фосилните горива. Денес, таков потег воопшто не изгледа луд: емисиите на јаглерод диоксид по глава на жител се намалени за повеќе од 70 проценти во споредба со нивоата од 1990-тите, додека населението се зголеми за една третина, а БДП по глава на жител се удвои.
Во Векше, градските автобуси и општинските возила користат биогориво произведено од органски отпад од домаќинствата. Повеќе од 90 проценти од енергијата доаѓа од шумски нуспроизводи и слични супстанции од околината: од пилевина од локалните пилани до гранки оставени од сечата на дрвјата за производство на мебел.

Преостанатите емисии на јаглерод доаѓаат главно од приватни автомобили, бидејќи не сите возачи ги користат станиците за полнење електрични возила и станиците за биогорива како што е етанолот, кој градот го нуди во изобилство. Смелиот чекор на трансформација е видлив и во архитектурата: Векше е можеби најдобриот пример во светот за град каде што големите згради се направени од дрво. Половина од сите нови згради мора да бидат изградени од овој природен материјал.
„Овој вид средина од природни материјали не само што обезбедува визуелно задоволство, туку и го подобрува квалитетот на животот на жителите. Луѓето се чувствуваат подобро кога се опкружени со дрво“, изјави за Би-Би-Си архитектката Карин Хард Аф Сегерстад од водечката архитектонска фирма „Аркитектболагет“.