Од денес почнува да се наплаќа влезница за Фонтаната Треви, а бројот на посетители е ограничен

popara2 февруари, 20261min00
260202125.1_xl

Туристите во италијанската престолнина Рим, од денес ќе мора да платат влезница од две евра за да ја разгледаат одблизу познатата фонтана Треви.

Новата такса ќе се применува од 11:30 до 22 часот во работните денови и од 9 до 22 часот во викендите. Целта на мерката е да се намали бројот на туристи, а воедно и да се соберат средства за одржување на еден од најпознатите споменици во Рим.

Таксата се однесува само на посетителите кои сакаат да се симнат по камените скали и да се приближат до базенот на фонтаната, додека плоштадот околу фонтаната Треви ќе остане бесплатен и достапен за сите.

Според правилата објавени во декември, жителите на Рим, лицата со попреченост и нивните придружници, како и децата под шест години, се ослободени од плаќање.

Многу туристи од различни делови на светот кои ја посетиле фонтаната изјавија за Ројтерс дека новата такса не ги загрижува, нагласувајќи дека очекуваат таа да помогне во намалувањето на толпите.

Сепак, некои посетители изразија незадоволство од одлуката. Франческо Ното од Сицилија верува дека посетата на културни споменици треба да биде право на секого.

„Но, што можеме да направиме? Да платиме и да се смееме“, рече тој.

Според податоците од римските власти, повеќе од 10 милиони луѓе ја посетиле Фонтаната Треви помеѓу декември 2024 и декември 2025 година. Тој период главно се совпаѓа со прославата на католичката света година, во која околу 33,5 милиони аџии го посетиле Рим.

Покрај Фонтаната Треви, пет други римски знаменитости кои претходно биле бесплатни сега се наплаќаат, вклучувајќи го Оранжеријата во Вила Боргезе и Наполеонскиот музеј.