Меѓународниот ден на деца жртви на насилство, четврти Јуни, го одбележуваат милиони индивидуалци и организации кои работат на полето на заштита и зачувување на правата на децата.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши како организација која се грижи за заштита на децата и нивните права потсетува на значењето и целта на овој меѓународен ден, а тоа е да се признае болката која децата ја претрпуваат насекаде низ светот како резултат на физичко, ментално и емоционално злоставување.
Од добиените податоци од работата на СОС телефонот за деца и млади од Меѓаши соопштуваат дека дошле до заклучок дека децата ретко имаат храброст да го пријават насилството, тие се исплашени и се чувствуват немоќно.
“Во текот на минатата 2010 година на СОС телефонот за деца и млади 0800 12222 од вкупно 239 дојави имавме 43 пријави за насилство врз децата во домот, 19 случаи на насилство во воспитно-образовни институции и 13 случаи на сексуална злоупотреба. Повеќето од извршителите на делата беа блиски на децата жртви“, стои во соопштението на организацијата.
Најчесто децата жртви се плашат да ги пријават своите родители бидејќи нивната иднина е неизвесна, сметаат дека подобро за нив е да бидат изложени на постојано насилство отколку да бидат жртви на дополнителна институционална злоупотреба. Карактеристично е дека децата не им веруваат на државните институции во процесот на нивна заштита, обидувајќи се да ја избегнат допонителната трауматизација и виктимизација од страна на институциите, одбираат да молчат
“Во периодот од јануари до мај 2011 година на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 имаме пријавено 22 случаи насилство врз деца. Само двајца од дојавувачите се деца. Децата кои го пријавија насилството беа видно вознемирени, истрауматизирани, со ниска самодоверба и суицидни идеи. Во 2011 карактеристични се и случаите на сексуална злоупотреба на деца, родосквернавење и педофилија“, соопштуваат од Меѓаши.
Бесплатната правна служба по секоја добиена дојава на СОС телефонот за деца и млади за случаи за кои е потребно да бидат и институционално третирани, со писмени обраќања ги контактира и известува надлежните институции.
“Во текот на 2010 година, бесплатната правна служба постапуваше со 95 писмени обраќања до соодветните институции и во сите случаи баравме заштита на децата, нивните права и најдобар интерес на детето. Најголемиот дел од писмените обраќања беа упатени до Центрите за социјална работа како и до Народниот Правобранител“, стои во податоците на Меѓаши.
Најчесто децата жртви се плашат да ги пријават своите родители бидејќи нивната иднина е неизвесна, сметаат дека подобро за нив е да бидат изложени на постојано насилство отколку да бидат жртви на дополнителна институционална злоупотреба. Карактеристично е дека децата не им веруваат на државните институции во процесот на нивна заштита, обидувајќи се да ја избегнат допонителната трауматизација и виктимизација од страна на институциите, одбираат да молчат. Во таа насока, особено е важно државата и сите кои се грижат за децата да им овозможат да се чувствуват заштитено, разбрано и прифатено од сопствените родители, стрателите и од институциите на системот.
Меѓаши ги повикува и ги охрабрува сите деца кои биле изложени на било каков вид на насилство, злоупотреба, злоставување или се сведоци на истото како и возрасни кои можат да помогнат во превенција на насилство слободно да се јават и да го пријават истото до соодветните државни институции или на СОС телефонот за деца и млади.
Извор: Нетпрес