Поради пандемијата на коронавирус на светот му се заканува глобален недостиг на кондоми, известуваат претставниците на најголемиот светски производител на единствената форма на контрацепција која исто така штити од сексуално преносливи болести, малезискиот Карекс Бхд.
Компанијата го произведува секој петти кондом на глобално ниво и во изјавата наведуваат дека повеќе од една недела во ниту една од трите малезиски фабрики не е произведен ниту еден, затоа што како резултат на пандемијата на коронавирус, владата ја прекинала нивната работа.
Веќе зборуваме за недостаток од околу 100 милиони кондоми, кои се пласираат на меѓународно ниво од брендовите како „Durex“, и се доставуваат до националните здравствени системи како што е британскиот NHS или се дистрибуираат преку програми за помош, како што е Фондот за население (UNFPA).
Во петокот, компанијата доби дозвола за повторно производството, но со само 50% од својата работна сила.
„Ќе ни биде потребно одредено време да се забрза работата на фабриките, а ние ќе дадеме се од себе за да продолжиме со производство на половина капацитет“, изјави директорот Гох Миах Киат.
„Отсега ќе има глобален недостиг на кондоми насекаде и ќе биде страшно. Јас лично се плашам дека кога ќе има бројни хуманитарни програми во африканските земји, недостигот од кондоми нема да трае само две недели или еден месец … може да трае со месеци”.
Малезија е најтешко погодената земја од Југоисточна Азија од коронавирусот, со 2161 регистрирани случаи и 26 смртни случаи. Карантинот треба да остане во сила најмалку до 14ти април. Меѓу другите најголеми производители на кондоми се Кина, но и Индија и Тајланд, во кои првите инфицирани случаи штотуку се евидентираат.
Во Малезија, производителите на други клучни помагала во пандемијата на коронавирус, како што се медицинските раквици, исто така се соочуваат со недостаток.
Портпаролот на Durex за Ројтерс изјави дека активностите продолжуваат како и обично и дека компанијата досега не забележала проблеми со испорака. „За нашите потрошувачи, од кои многумина нема да можат физички да одат во продавницата, има достапни онлајн продавници Durex“, рече тој.
„Доброто во врска со тоа е што побарувачката за кондоми е сè уште многу голема затоа што, дали ни се допаѓа тоа или не, тие сè уште се неопходни за нас, особено затоа што луѓето во овој момент веројатно не планираат да имаат деца. За такво нешто сепак не е време“, рече Гох.