Данскиот фотограф Јохан Росенмунте во една од своите серии фотографии се позанимава со малку апокалиптичното и необично прикажување на животинските видови во урбаните пејзажи. Преку комбинирање на неколку фотографии Росенмунте создаде слики на кои дивите животни гордо стојат во сосем поинакво опкружување од нивното природно живеалиште.
Идејата за сместување на егзотичните животни во обичните градски локации произлегува од неговиот начин на гледање на светот и критиката на современото човештво кое непрестајно се бори за освојување нови простори. Иако серијата фотографии го носи насловот „The Isle of Human“, амбиентите кои во овие монтажи ги создаде Росенмунте како да сугерираат дека човечкиот вид исчезнал, а разновидните животни го „презеле“ светот.