Свечено пуштени во употреба новите трибини на “Филип Втори“

Целосно реконструираните северна, источна и западна трибина од Арената “Филип Втори“ во Скопје, вечерва свечено беа пуштени во употреба. Покрај изградбата на новите трибини, поставени се нови столчиња и два инфо-дисплеи на западната и источната трибина, како и четири дисплеи на секој од четирите влезови, a реконструирана е и досега постоечката јужна трибина.
Свеченот пуштање во употреба на реконструираната Национална Арена „Филип Втори Македонски“ се случи вечерва во присуство на дел од државно-политичкиот врв и неколку стотина граѓани.
Сега, вкупниот капацитет на нашиот најголем стадион изнесува 32.580 гледачи.
Премиерот Никола Груевски, кој ја прогласи Арената за отворена, потенцираше дека стадионот е доказ дека Македонија знае да гради и знае да победува.
“Националната Арена Филип Втори Македонски е дело кое што не може да биде избришано. Тоа е ваше дело, на сите граѓани на Република Македонија, на оваа генерација на Македонци, на Албанци, на Турци, на Срби, на Роми, на Власи, на Бошњаци и на сите останати. Тоа е ваше дело. Затоа бидете горди и славете го спортот, славете го фудбалот” – рече премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, по што следеше спектакуларен огномет.
За реализација на проектот се потрошени две милијарди денари.
Првиот натпревар на реконструираниот стадион кој ќе го одигра македонската фудбалска репрезентација ќе биде квалификацискиот меч против Република Ирска на 4. јуни.
Извор: Спортнет