Ќе ја отвориш ли?

4 април, 20120
s1

Како дете секогаш си мислев дека љубовта има форма на срце. Бев нестрплива да го најдам човекот кој ќе ми ја подари љубовта, поточно срцето. Верував во среќен крај, бев слепа за болката, не знаев дури дека ја има. Никогаш не би поверувала дека солзите ќе течат по моето лице, не поради удрено колено,  туку од скршено срце, мечти, ветувања, пријателства…

Не знаев дека постои предавство. Се надевав и верував дека пријателите се засекогаш, дека љубовта е вечна и дека луѓето сакаат вистински. Каква голема лага.

Сега веќе знам дека љубовта не е во форма на срце. Љубовта е кутија. Убава мала кутија, примамлива и убаво украсена. Го даваш срцето во замена за таа картонска кутија, надевајќи се дека таму внатре те чека срцето, кое ја заслужува цената што си ја платил, срце за срце. Вдишуваш длабоко и затвараш очи. Бавно го извлекуваш едниот крај на панделката и издишуваш. Го подигнуваш капачето и погледнуваш внатре.

Празна е. Во неа нема ништо.

Се разбира некои луѓе имаат среќа да најдат во неа малецко срценце, но колку од нас не наоѓаат ништо повеќе од пространство исполнето само со воздух? Наместо срце, злоупотреба на твоето. Како срцето да не е живо, како срцето да е играчка…како срцето да не боли…како тие да немаат срце…тие што го чуваат своето, а си играат со туѓото…оние на кои срцето им е камено…оние кои вечно ќе ги паметам и секогаш кога ќе помислам на нив ме облева студена пот…оние за кои незнам дали се воопшто луѓе…оние кои денес ги жалам…зошто наместо срце имаат само празна убава кутија…

Вдишувај и издишувај. Независно колку е тешко. Продолжи напред и покрај болката. Да, може и да не најдеш друга кутија по патот…Но што ќе се случи ако најдеш? Што би било ако овој пат најдеш внате мало срценце со твоето име на него, украсено со мала панделка, кое чека да го прибереш на местото на своето.  Ќе ризикуваш? Лично јас, само поради овој ризик живеам, ова е ризикот што ми дава огромна сила да продолжам, ова е ризикот што ќе ми помогне да заборавам се до сега што било, ова е ризикот што и ти треба да го направиш…

Верувам дека треба да бидеш смел. Ако среќата не е тука, тогаш мора да биде некаде таму…погледни пред себе, гледај мала кутија! Ќе ја отвориш ли?

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *