
Тоа непријатно надуено чувство по оброк ни е на сите премногу добро познато.Без разлика дали сте земале втора порција на некоја прослава или сте претерале со јадењето во вашиот омилен ресторан, непријатното чувство на надуеност по оброкот е нешто што на сите ни е добро познато. Д-р Росарио Џ. Лигрести, гастроентеролог во Универзитетскиот медицински центар „Хакенсак“ (Hackensack University Medical Center), често слуша поплаки од ваков вид од своите пациенти.
„Надуеноста по обилен оброк е исклучително честа појава – речиси секој ја доживува во одреден момент, а дури 20% од населението се соочуваат со неа редовно“, вели тој за Real Simple. „Кога јадете тежок оброк, се случуваат неколку работи истовремено. Прво, станува збор за едноставна физика: желудникот е мускул кој се шири за да направи простор за внесената количина храна. Второ, обилните оброци често се богати со масти и сложени јаглехидрати. Храната богата со масти останува во желудникот значително подолго. Истовремено, несварените јаглехидрати создаваат вишок гасови.“
Кога ќе се спојат заробените гасови и проширениот стомак, не е ни чудо што чувствувате како стомакот да ви е балон. За среќа, малата непријатност по оброкот не мора да ви го расипе остатокот од денот. Двајца гастроентеролози споделуваат стратегии кои можат да помогнат во ублажување на надуеноста по прејадување.
Останете во исправена положба
Штотуку завршивте со обилен оброк. Пред да се појави надуеноста, останете во исправена положба и одолејте на искушението веднаш да легнете во кревет или на кауч. „Иако можеби е примамливо да се фрлите на каучот по обилна вечера, лежењето го лишува вашиот стомак од помошта на гравитацијата“, вели д-р Савита Сривастава, гастроентеролог од Јејл и авторка на книгата „Првите 1000 дена: Како цревните микроби на вашето бебе го обликуваат здравјето за цел живот“. „Лежењето го забавува празнењето на желудникот и ја турка содржината нагоре, што покрај надуеност, предизвикува и горушица.“
Ако останете во исправена положба во текот на првиот час или два по јадењето, му давате на дигестивниот систем простор и положба неопходни за преработка на храната. Ако и понатаму чувствувате надуеност, преминете на следниот чекор.
Прошетајте полека
Една од најефикасните работи што можете да ги направите по обилен оброк е да прошетате полека, во траење од 10 до 15 минути. „Социјалните мрежи навистина погодија со виралниот тренд познат како ’прошетка за испуштање гасови‘“, вели д-р Сривастава. „Физичкото движење ја поттикнува перисталтиката – природните, брановидни мускулни контракции на цревата – што помага во придвижување на заробените гасови низ дигестивниот тракт и го забрзува празнењето на желудникот.“
Д-р Сривастава вели дека обично ќе почувствувате значително олеснување во рок од 15 до 30 минути, едноставно дозволувајќи им на гравитацијата, движењето и физичката активност да му помогнат на нормалниот процес на варење.
Ставете топла облога или шише со топла вода
Ако стомакот сè уште ви е затегнат и осетлив по прошетката, ставете електрично перниче за загревање или шише со топла вода директно на него, во траење од 15 до 20 минути. „Локализираната топлина го зголемува протокот на крв и ги опушта ѕидовите на цревата (кои се составени од мазни мускули), а истовремено ги смирува нервите во внатрешните органи кои регистрираат болка и притисок“, објаснува д-р Сривастава. „Ова е еден од најбрзите начини за ублажување на акутните грчеви по оброк.“
Обидете се со нежна масажа
Следниот чекор е да направите нежна (клучниот збор е: нежна!) масажа на стомакот. „Можете рачно да му помогнете на вашиот гастроинтестинален тракт во придвижувањето на гасовите“, вели д-р Лигрести. „Масирањето на стомакот по должината на дебелото црево – почнувајќи од долната десна страна, движејќи се нагоре кон ребрата, преку левата страна, па надолу – може физички да го поттикне исфрлањето на гасовите и да донесе моментално механичко олеснување.“ Ако не почувствувате олеснување во рок од 10 до 15 минути, оставете го стомакот да одмори, наместо да притискате посилно или да продолжувате со масажата. Испијте чај од нане или ѓумбир
Д-р Сривастава и д-р Лигрести сугерираат дека консумирањето топла шолја чај од нане или ѓумбир е како да испраќате природен мускулен релаксант директно во вашиот дигестивен тракт. „Нането содржи ментол, кој делува како антиспазмодик, опуштајќи ги напнатите цревни мускули за да можат заробените гасови да се распрснат“, вели д-р Сривастава. „Ѓумбирот делува како благ прокинетик, поттикнувајќи го празнењето на желудникот надолу.“ Овој пристап бара малку повеќе време: очекувајте стомакот да почне да се опушта во рок од 20 до 45 минути.
Размислете за лек против гасови што се издава без рецепт
Не е секогаш неопходно, но понекогаш малку дополнителна помош е добредојдена.
„Симетиконот е средство против пенење. Тој не го спречува создавањето на гасови, но го намалува површинскиот напон на меурчињата гас што веќе се присутни во цревата“, објаснува д-р Лигрести. „Ова предизвикува стотици мали меурчиња, кои тешко се исфрлаат, да се спојат во поголеми, кои телото потоа полесно може да ги исфрли преку подригнување или испуштање гасови.“
Ако по 30 минути сè уште чувствувате надуеност и непријатност, вратете се на вториот чекор и прошетајте уште малку за да помогнете во придвижувањето на процесот.